Горан Стефановски „Диво месо“
Горан Стефановски е роден 1952 година во Битола, во театарско семејство, мајка - актерка, татко - актер и режисер. Детството и младоста ги помунува во театарот, а потоа и целиот живот му го посветува.
Студира англиски и литература, а во 1972 студира драматургија на Театарската академија во Белград каде магистрира, а подоцна и докторира. Работи како професор по драматургија на Факултетот за драмска уметност.
Со појавата на Горан Стефановски современата македонска драма доживува голем успех. Негови драми се: „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“,„Хај-фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Демонот од Дебар маало“.
Пишува ТВ драми: „Клинч“, „Сослушувањето на железничарот“, ТВ сценарио за „Томе од бензиската пумпа“, ТВ серии: „Тумба, тумба дивина“, „Бушавата азбука“, Радио драма: „Чиракот Шекспир“ итн.
Диво месо
„Диво месо“ е семејна драма, во која темата е распаѓањето на едно предвоено македонско семејство. Распаѓањето е условено од времето и сосема различните сфаќања на животот на сите членови од семејството.
Идејата е да го сфатиме значењето на семејството, на нашиот корен, на домот, на татковината.
Дејството се случува во Скопје, во Дебар маало, непосредно пред Втората светска војна. Композицијата на драмата е модерна, авторот не го употребил класичното делење на чинови, туку на сцени (17).
Јазикот е многу специфичен. Секој лик зборува со свој јазик, на свој начин. Изразот е многу стегнат и воопшто не постојат непотребни реплики.
Содржина
Семејството Андреевиќ го сочинуваат: таткото Димитрија, мајката Марија, трите сина: Симон, Стефан и Андреја и снаата Вера, жена на Симон.
Првата сцена во драмата е најдолга, бидејќи тука се запознаваме со семејството и се загатнуваат сите понатамошни случувања.
Сцена 1- Дејствието започнува во главната соба на куќата, напладне. Димитрија седи во инвалидска количка и чита весник, а Марија само седи и гледа пред себе.
Димитрија: Ќе има војна. (Пауза.) Ќе има војна. (Пауза.)
Марија: Доста беше и ваков мир. (Пауза.)
Уште со првите нивни зборови станува јасно дека во мирот и тишината во која седат - мир не постои. Навестена е војната која претстои, но и немирот што тие го чувствуваат. Зборуваат за утрешната домашна слава и подготовките за неа.
Ручекот е веќе подготвен, Вера влегува со корито, спростирала алишта, а и постојано нешто работи. Полека почнуваат да се прибираат сите. Доаѓа Симон, поднапиен и веднаш ги истура своите јадови. Тој е келнер и е незадоволен од работата која му ги попуштила вените и во која треба да им слугува и да им се насмевнува на сите. Потоа доаѓа и Андреја, весел, расположен, сосема спротивен од Симон. Иако работата во бакалницата го изморила, тој не се жали. Браќата го започнуваат разговорот за демонстрациите и штрајковите во кои Андреја има намера да учествува, а Симон му вели дека така само во затвор ќе заврши и ништо нема да постигне. На крајот доаѓа и Стево. Тој како да не е заинтересиран што се случува дома. Кажува дека ручал надвор, дека и вечерта иако им е слава, тој не ќе може да остане дома. Ќе оди на голем прием што го приредува неговиот работодавец, господинот Херцог, по повод доаѓањето на важен гостин од Германија. Заради својата кариера, заради „целиот кајмак на Скопје“ што ќе биде таму, тој не го почитува големиот празник Свети Илија. Тогаш на вратата тропнува попот, кој наместо во седум дошол во три часот попладне. Со тоа и тој го покажува своето непочитување кон ова семејство.
По заминувањето на попот, доаѓа Ацо, другар на Андреја, кој го повикува да одат во подготовки на акцијата. Така, на славата ни тој не ќе може да присуствува.
Сцена 2 - оваа сцена се случува на железничката станица каде Херцог и Сивиќ го чекаат Германецот Клаус да пристигне. Возот, се разбира доцни. Во разговорот ја гледаме сервилноста на Сивиќ кон својот шеф и неговата готовност да направи сè за да напредува во работата. Потоа разговорот се префрлува на Клаус и стравот заради неговото доаѓање од непознати причини.
Сцена 3 - Во богато наместениот салон, во куќата на Херцог, гостите со чаши во рацете ја слушаат Сара (ќерката на Херцог) како свири на клавир и го чекаат гостинот од Германија.
Кога доаѓа, тој се запознава со сите, но вниманието му се задржува на Стево, бидејќи тој знае германски.
Приемот продолжува, гостинот е претставен и сите седнуваат покрај поставените маси.
Сцена 4 - Во собата на Сара влегуваат таа и Стево. Иако се запознале пред само два часа, тие водат искрен разговор, во кој Стево кажува дека првпат кога ја видел ја оставил својата девојка Лиле. Сара, пак, постапува уште порадикално - ја открива едната дојка и ја става неговата рака врз неа. Потоа му ја гризнува раката, се закопчува и тогаш во собата влегува Сивиќ барајќи го Стево за да се поздрави со Клаус.
Стево посакува повторно да се сретне со Сара, но таа арогантно му одговара дека ништо не му дава за право повторно да ја види.
Сцена 5 - Стево се враќа дома и го затекнува Симон, пијан, со шише до себе. Пее детска песничка и се однесува незаинтересирано кон сè, поточно се прави луд. Но, на крајот од сцената ја извикува својата болка: „Роди ми бре, Веро, едно машко детенце“.
Сцена 6 - Вера, во неможност да ги зачува бебињата, не знаејќи повеќе од каде да бара помош, оди кај бајачка. Таа и бае, а бесмисленоста се гледа и од нивниот дијалог:
Вера: Ќе помогне ли?
Бајачката: Не знам.
Вера: Па зошто тогаш сето ова?
Бајачката: За да помине од редот.
Сцена 7 - Во канцеларијата кај Стево доаѓа Ацо кој се жали дека камионот што му го поправале не е во исправна состојба. Стево не може да му помогне.
Доаѓа и Клаус кој го повикува Стево да одат кај него дома, да ја пробаат домашната ракија која му ја ветил.
Сцена 8 - Во домот на Андреевиќ, Димирија делка дрвце - прави свирче, Марија гледа на карти, Вера пее, Симон спие, Ацо и Андреја разговараат, кога доаѓа Стево и им кажува дека Клаус ќе дојде во нивната куќа.
Клаус, доаѓа, и дава цвеќе на домаќинката, се запознава со сите. Марија, со цвеќето во раце, оди во кујна, таа е во извесен шок, почнува да го спомнува дивото месо во себе, да оди како во транс. Стево му објаснува на Клаус дека диво месо е „бабина деветина“ - дека се верувало ако некому влезе влакно во грлото, околу коренот на влакното ќе се создаде диво месо кое ќе расте и ќе го задуши.
Разговорот продолжува за состојбата во која се наоѓа Македонија, за незадоволството, и во тој контекст Клаус искористува можност да каже зошто дошол. Тој сака да им ја откупи куќата за да може нивната фирма да се прошири, во тој дел да отворат изложбен салон. Димитрија веднаш одбива, но Стево остава простор за понатамошен договор. Откако заминува Клаус, настанува расправија. Димитрија кажува дека сам ја градел куќата, дека паднал и така ги загубил нозете, дека тоа никој не може да му го плати и не сака да ја продаде куќата. Стево инсистира зашто од тоа му зависи кариерата. Марија се мачи со дивото месо. Ситуацијата кулминира со тепачка, Стево ја удира инвалидската количка од ѕид, а Андреја го удира Стево. Димитрија, разочаран, вели:
Димитрија: Да знаев какви ќе излезете ќе ве издркав во чаша. Ебави младоста. Сè ќе запустите. Не признавате ни ѓавол ни бог. Немате ред ни во главите, ни во телата. Сè на своја рака, со првиот ветар, како муви без глава. Мислите сè што лета се јаде. Европа ве бара! И се прди на Европа за вас...
Тогаш Андреја излетува од куќата.
Сцена 9 - Стево оди во домот на Сивиќ да бара од него помош, бидејќи Андреја го затвориле по учеството на синоќешниот штрајк. Се појавува Сара, во ноќница, го прегрнува Сивиќ, а тој ароганрно му одговара на Стево дека не може да му помогне. Сара се обидува да го бакне Сивиќ, но тој и удира шлаканица.
Сцена 10 - Стево оди во хотелската соба на Клаус, надевајќи се дека тој можеби ќе помогне за Андреја. Пијат коњак, а Клаус критикувајќи ги Словените и Балканците, ќе каже:
Клаус: Вие сте осудени да живеете во состојба на пропаѓање. Не на пропаст, затоа што пропаста е дефинитивна состојба и не на благосостојба, од која сте далеку, туку на пропаѓање. Постојано и постојано пропаѓање. Во истите дупки. На ист начин. Повторно и повторно. Упорно и тврдоглаво. Никогаш не извлекувате никакво искуство.
На крајот Клаус, ќе ја фати раката на Стево, па ќе ја стави „некаде долу под масата“. Стево, стаписан ќе си замине.
Сцена 11 - Стево оди во затворот да го посети Андреја. Му кажува дека сите се добро, дека Вера е трудна, дека ќе лежи за да го зачува бебето, дека Симон го избркале од работа и сега е на воена вежба. Андреја е помирен со затворската судбина, не жали за тоа што го направил, зашто тоа бил негов избор.
Сцена 12 - Во канцеларијата на Херцог, Клаус ги презема работите во свои раце. Наредува да се сруши куќата на семејството Андреевиќ, Херцог, како Евреин го отпушта од работа (третиот рајх, како што вели тој), Стево исто така, заради неприфаќањето нахомосоксуалната врска со него, а Сивиќ го поставува за шеф.
Сцена 13 - Симон е во јавна куќа со проститутката Мими. Дезертирал и се скрил тука. Пие, пее песнички и сосема му се предава на безизлезот.
Доаѓа Стево да го прибере, да си одат дома, но тој не сака да оди и му вели:
Симон: За сè си ти виновен. (...) Андреја што го уапсија, ти си виновен. Вера што не може да роди. Ти. На Марија што и изветреа умот. Ти си. Димитрија што ги изгуби нозете. Ти си виновен. И што ме стега овде. Ти.
Симон умира.
Сцена 14 - Сивиќ доаѓа во куќата на Димитрија и му го дава налогот за рушење. Му дава и пари (половина од тие што му ги дал Клаус), но домашните не се помрднуваат. Остануваат во куќата.
Сцена 15 - Стево оди кај Сара на која и дава песна што ја напишал за неа. Таа му кажува дека Сивиќ ја оставил, а дека татко и отишол да се обеси. Завршува со:
Сара: Сакаш да се бацуваме? (Стево излегува) Никој веќе не сака да ме баци.
Сцена 16 - Во хотелската соба на Клаус влегува Стево. Со пиштолод џебот му се заканува дека ќе го убие. Тој моли, преколнува, а Стево ја вади празната рака од џебот. Вели дека ќе оди по вистински пиштол и ако се врати по него, значи дека не се убил себеси.
Сцена 17 - Во урнатините на куќата, Димитрија седи во количката со свирче во рака, Вера лежи, а Марија ги собира работите на едно место. Драмата завршува со доаѓањето на Стево, кој го наоѓа пиштолот од Андреја и пука во воздух.
Во драмата, на особен, модерен начин е претставено распаѓањето на старото патријархално, традиционално семејство. Фолклорот се меша со модерното, урбаното, преку песните и говорот.
Многу често, Стефановски го користи јазикот на светата лудост (и пијанството). Тој е изразен во говорот и песничките на Симон и Марија. Тој говор некогаш е фолклорен - митски, како на пр. верувањето за дивото месо, а некогаш урбан - брзозборката што ја изрекува Симон:
О мони, мони ма, академи фенци фа
фенци фа фа фа, опет ха ха ха
уна епе епе епе, уна цепе цепе цепе
уна хаус хаус хаус, Мики Маус.
Ликови
Димитрија, таткото, е носител на старото, патријархално сфаќање. Тој при градењето на куќата ги загубил нозете, всушност го загубил тлото под нозете. Иако е глава на семејството, тој нема веќе никакво влијание врз своите синови. Неговата немоќ оди до таму што му преостанува само да делка свирче. Најстрашно за него е што е сведок на сопствениот неуспех - синовите и рушењето на куќата (рушење на семејството и домот).
Андреја, најмалиот син е обземен со идејата да го сруши стариот капиталистички систем. Од тој систем сите се незадоволни, но тој барем нешто презема. Нестрпливоста да дејствува, младоста, занесеноста, жарот - ќе го однесат в затвор.
Симон, пак, во својата разочараност бега во алкохолот. Тој е најмногу огорчен. Како келнер се чувствува одвратно, а единствената желба - да има син - не му се исполнува. Не гледа никаков излез и посакува да умре. Се однесува налудничаво, го говори јазикот на светата лудост, преку кој ги искажува своите вистини.
Стефан (Стево) ни се чини дека е најразумен. Но, во желбата да успее и тој го погазува семејството и своето достоинство. Сфаќајќи дека нема излез, на крајот беспомошно пука во воздух.
Марија, мајката, иако веќе сосема разочарана од животот, сепак се обидува да го држи семејството. Нејзе дивото месо и расте во моментот кога ќе го види Клаус - што значи дека сосема е свесна дека тој е најголемото зло кој ќе го доуништи семејството.
Сара, ќерката на Херцог, своето незадоволство го изразува преку слободното однесување. Во неа нема љубов, нема живот, само револт.
Вера, снаата, која постојано работи во куќата посакува само да роди детенце. Таа е единствената надеж во семејството. На крајот, без разлика што куќата е срушена, што сè е срушено, таа е бремена и подготвена да направи сè за да го роди бебето.
Томе Арсовски „Парадоксот на Диоген“
Томе Арсовски
(1928 - 2007)
Томе Арсовски е роден 1928 во Косовска Митровица, каде татко му бил на служба во поштата. Во Пеќ завршил основно училиште, а 1941 година се враќа во родното место на своите родители - Кавадарци. По ослободувањето тука завршува гимназија, а потоа Филозофски факултет, група Славистика, во Скопје.
Работел како хорист во Операта на Македонскиот народен театар, како новинар во весникот „Нова Македонија“, во драмската редакција на Македонската радио-телевизија.
Започнал со пишување поезија, збирката „Грст смеа“ (1958), а продолжил со драмско творештво и поставувањето на својата прва драма на сцената на Прилепскиот театар: „Александра“ (1958). Вистински успех и потврда како драмски автор доживува со драмата „Парадоксот на Диоген“ (1961), по што се нижат голем број драми, телевизиски драми, раскази и романи: „Грст среќа“ (телевизиска драма, 1962), „Матурска вечер“ (драма, 1964), „Грдиот Нарцис“ (телевизиска драма, 1964), „Бумеранг“ (комедија, 1969), „Климент Охридски“ (историски роман, 1989), „Куќа на четири ветра“ (роман, 1991), „Подводен град“ (роман за деца и млади, 1993), „Нешто убаво ми се случува“ (роман, 1996), „Пурпурно поле“ (поема, 1996) и многу други.
Парадоксот на Диоген
„Парадоксот на Диоген“ е судска драма во два дела, каде обвинет е Драшко Каровски за уривањето на хотелот „Сплендид“ со што е причинета голема материјална штета, но се загубени и два човечки живота.
Дејството се случува во Скопје, шеесеттите години од двесеттиот век. Темата на драмата е животот на младиот Драшко Каровски, неговиот подем и пад, а идејата, поврзана со Диоген - моралното пропаѓање на една личност и губењето на сопственото јас. (Диоген е антички филозоф кој сред бел ден одел со запален фенер во потрага по човек.)
Во судскиот процес не се разгледува само вината на Драшко, туку преку многу реконструкции се проследени делови од животот на главниот лик кои придонеле за несреќата. Тука се судат сите: општеството, пријателите, колегите, роднините, зашто се дел од животот на Драшко кој од скромен, чесен и занесен идеалист го прават лаком и суетен материјалист.
Освен Драшко, ликови во драмата се:
Даница, неговата жена, која не ја сака, а се оженил со неа за да ја спаси од „улицата“ и која му родила два сина;
Мајка му и татко му Никола, кои премногу му се мешаат во животот;
Владимир Крстин - Борски, директорот на Заводот за висока градба, кој верува во квалитетите на Драшко и го „разгалува“ со попустливиот однос кон него;
Алексеј Кондарко, универзитетски професор;
Борика Корда, колешка од Словенија, љубовта на неговиот живот, која доаѓа во Скопје заради Драшко и останува иако тој се оженил со друга;
Данчо, градежниот техничар, Славко, загинатиот палир, Судијата, Обвинителот, Бранителот, Судсиот писар и др.
Драмата започнува со сугестивни филозофски стихови искажани од страна на судијата:
„Сакаш ли вечна среќа - не спиј!
Пресврти ја ноќта во ден!
Зашто оној што спие е слеп,
а при успаните среќата не доаѓа.
Но еве ви еден совет на сите што сте тука:
зградата построена во прав -
во прав и ќе се урне.
Ако ви се случи тоа -
не обвинувајте го ни Бога ни човека:
самите сте виновни.
Избегајте поскоро од затворот на своето „јас“
одделете се макар на чекор од себеси
и ќе видите - во ружите
освен трње
има и ружи“
а судењето започнува со сведочењео на Борски, директорот на Драшко Каровски. Тој кажува за објектот, неговото рушење, материјалната штета, двајцата загинати, но под присила на Бранителот се открива дел од минатото на Драшко. Дека тој студирал во Љубљана, бил одличен студент, дека два дена по неговото дипломирање ја добил работата во Заводот и дека Борски му дал платен одмор од 15 дена уште пред да дојде на работа. Се дознава дека тие биле блиски зашто браќата на Драшко заедно војувале со Борски и загинале во војната, па тој го гледал Драшко како свој брат. За време на неговото сведочење е реконструирана сцена кога Драшко дрско бара трисобен стан и уценува со заминување во друга фирма ако не го добие. Поради тоа што набрзина се оженил со Даница дома му било неподносливо и бескрупулозно настапува пред Борски барајќи го станот што бил наменет за професорот Кондарко, кому бидејќи бил стар и сам не му требал трисобен стан. Борски попуштил пред барањата на Драшко, му дал стан кој го планирал за себе и му ја покачил платата за да се осигура дека тој нема да си замине од фирмата.
Следен сведочи Данчо, градежен палир, кој збунето настапува на сцената и неколкупати повторува дека никого не сака да обвинува. Тој кажува дека Драшко сите го сакале, дека бил многу добар и љубезен со работниците, им давал цигари и се однесувал како со рамноправни, дури премногу добар. При неговото сведочење се реконструира сцена од градилиштето, навечер, десетина дена пред уривањето на објектот. Таму доаѓа професорот Кондарко да го опомене Драшко да не бетонираат ноќе и да биде повнимателен со објектот. Се појавува и Борика Корда, расположена, подготвена да замине на вечера со Драшко. Настанува караница меѓу Драшко и Кондарко зашто Драшко арогантно ги одбива добронамерните совети и мисли дека сите го следат и не му веруваат. Го остава Данчо на објектот сам да одлучи што ќе прави и оттогаш не се појавил. А Данчо морал да му пишува на директорот секојдневни извештаи за градилиштето во кои лажел дека Драшко секој ден вршел контрола, па дури и казнувал работници ако згрешеле.
По Данчо, во судницата ја повикуваат Даница, сопругата на Драшко. Таа е стоматолог, уште од тригодишна возраст препуштена сама на себе, за која сите имаат лошо мислење како за жена од улица. Сите сметаат дека Драшко избрзал и погрешил што се оженил со неа, дека не ја сакал туку само идеалистички сакал да ја спаси не размислувајќи за последиците. Таа вели дека за ништо не е виновна, дека родила два сина, се грижела за нив, се грижела и за Драшко, секогаш бил чист, испеглан, сит, но тој секогаш од нешто бил незадоволен. Во нејзиното излагање се реконструира домашна сцена кога навредените родители на Драшко го напуштаат домот. Всушност, се реконструираат две сцени - едната како што ја кажува и доживува Даница, а другата таткото. Во првата родителите се дрски и неподносливи, а во втората Даница е безобразна. Во нивниот стан, навечер, таткото бил поднапиен и гласно пеел. Даница дошла и му рекла да биде потивок зашто ги успива децата. Настанува караница по која родителите се избркани (или доброволно) си заминуваат од домот. Драшко е сведок на крајот од караницата, се расплакува од мака и излегува, а Даница го вика Борски. Останува нејасно какви се точно односите меѓу Борски и Даница, веројатно во минатото биле блиски, но таа тврди дека откако се омажила со Драшко му била верна.
Вториот дел од драмата започнува со сведочењето на таткото Никола кое е само надоврзување на претходното сведочење. Се чувствува тага, жалење за сè што се случило, а и немоќ да му се помогне на единственото дете. Тој ги загубил двата сина и ќерката за време на војната и Драшко му е единствената надеж, па затоа можеби премногу му се меша во животот и не ја прифаќа Даница.
Следниот сведок е Борика Корда, градежен инженер, Словенката кој била вљубена во Драшко и која заради него доаѓа да живее и работи во Скопје. Но, се чини дека задоцнила. Дошла само 6 месеци по дипломирањето, ама Драшко веќе се оженил со Даница. Таа раскажува каков бил Драшко во студентските денови - ведар, чесен, работлив, човек кој сакал сè сам да си заслужи велејќи „на лавот шијата му станала лавовска затоа што сам си го прибавува она што му треба“, разнесувал млеко и весници низ Љубљана и така се издржувал (ја одбил понудената стипендија).
Борика ја реконструира сцената на денот на рушењето на хотелот, кога Драшко „избегал“ кај неа. Нивниот разговор во почетокот не е сосема отворен, целиот е со наговестување, потсетувања на минатото, грешките, но директно се плашат да зборуваат. Кога Драшко вознемирен кажува дека убил човек - мислејќи на себеси, во станот на Борика влегува Кондарко кој му советува да оди на објектот и да се бори, да ја каже својата страна. Но, Драшко одбива, останува кај Борика целосно препуштајќи и се на сопствената пропаст. Ноќта разговараат, и освен што се присеќаваат како се запознале и дружеле во студенстските денови, Драшко сепак на крајот се отвара и се открива себеси:
ДРАШКО: Диоген го барал човекот надвор од себе. А јас се обидов да го најдам во мене, овде... Не го најдов.
БОРИКА: Што ти недостига тебе?
ДРАШКО: Ќе ти кажам. Прашај ги луѓето, Борика, прашај ги другарите, пријателите, прашај се себеси: каде е единствениот човек што е задоволен од себеси? Сите бараат нешто, на сите нешто им недостасува, сите за нешто се борат, трчаат, измислуваат илјада начини да ги решат своите проблеми! - Мене ме опфаќаше паника кога помислував дека ништо не ми треба, дека не мора ништо да освојувам, дека немам никаков идеал, никаква цел ниту една желба... Јас имав сè. Имав и премногу! - Луѓето ми завидуваа... Ми завидуваа на големиот удобен стан од кој ги истерав сопствените родители, на автомобилот со кој се вози жена ми којзнае со кого и којзнае каде, ми завидуваа на големиот телевизор во боја што им служи на соседите, на телефонот што ми ги кине нервите, ми завидуваа на црниот костум, на белиот костум, на апаратот за бричење ми завидуваа!
(...)
БОРИКА: Јас! Јас! Јас! Јас! Што сакаш ти од луѓето Драшко? Не само што живееш за себе туку сакаш и другите да живеат за тебе? Па ти толку шум, толку прав крена за таа твоја материјална слобода! Ја имаш: биди среќен и создавај! А ти плачеш...
(...)
БОРИКА: Требаше само еден ден да живееш за другите. Само еден ден... Ти бараше да те сакаат, а самиот никого не сакаше.
Иако не сака да го навреди, Борика сепак му го кажува во лице своето мислење: дека тој станал бесчувствителен егоист и материјалист.
На крајот кусо сведочи професорот Кондарко кој како возрасен човек препорачува простување. Ги цени квалитетите на Драшко и повикува да се заборави минатото: „Минатото е крадец што не може ништо да даде, а може да ја украде убавата иднина.“
Последен на прашањата одговара Драшко, но тој е изгубен во текот на целото судење. Постојано повторува дека е виновен и дека сè признава.
Драмата завршува со излагањата на Обвинителот и Бранителот, со закажаната пресуда за утредента.
Читателот, односно публиката е таа што треба да му пресуди на Драшко!
Коле Чашуле „Црнила“
Коле Чашуле
(1921-2009)
Коле Чашуле е роден 1921 година во Прилеп, каде завршува основно училиште и нижа гимназија, а виша гимназија завршува во Битола. Студирал медицина на Белградскиот универзитет и активно се вклучил во прогресивните движења (во СКОЈ), а учествувал и во многу штрајкови и демонстрации. Се вклучува во партизанскиот прилепски одред, но подоцна е затворен. Од затворот бега 1944 година и почнува со објавување песни и раскази во партизанските весници. По војната бил основач и уредник на поголем број списанија и весници, како и главен уредник и директор на Радио Скопје и управник на Македонскиот народен театар.
Пишувал песни, раскази, есеи, критики, но сепак најобемно и најзначајно е неговото драмско творештво.
Тој е претставник на новата, повоена генерација драматурзи, кој употребува сосема нов, модерен израз и исто така нови тематски преокупации.
Негови најпознати драми се: „Црнила“, „Вител“, „Вејка на ветрот“,„Градскиот саат“ и др.
Црнила
Чашуле е нашиот прв автор кој собра храброст на ваков начин да проговори за македонските црнила. Самиот тој вели дека инспирација добил од убиството на Ѓорче Петров во кое „видов кревање рака на својот идеал. Усмртувањето на Ѓорчета од македонска рака, а во служба на антимакедонски однародени интереси, за мене станаа симбол на македонските црнила воопшто“.
Темата на драмата е убиството, атентатот врз Ѓорче Петров од неговите сонародници.
Идејата е осуда на човековиот морален пад, на братоубиството, на забивањето нож в грб - честа појава во нашата мрачна историја.
„Црнила“ е драма на идеја, односно драма со теза, која се остварува преку апсурдот на една личност дојдена во непознат свет, но овде остварена и со политички задни намери.
Дејството се случува 1921 година во Софија, а како мото се дадени стихови на Анте Поповски:
„Долу по полено, по врбацине, до срцево
Сè е така и ноќ и нож в плеќи забиен
Не ме уплашија векови со нож од туѓа рака
Ме плаши час од рака своја в плеќи.“
Композицијата на драмата е во четири дејства, а драмскиот простор е домот на Христови каде се подготвува заговорничкиот предавнички чин.
Содржина
На почетокот од драмата е прикажана љубовната врска меѓу Неда (дома- ќинката) и Иван, врска која е режирана заради потребите на Организацијата. Двајцата се уплашени, се кријат, но не заради нивната „забранета љубов“, туку стравот потекнува од Луков, главниот организатор на атентаторската група. Неда за Луков, вели:
Неда: Го чувствувам околу мене како сениште. Понекогаш ми се чини дека сите сенки и црнила во овој дом како да се негови сојузници... како да ме прогонуваат. Иване, сеќавам цел еден железен обрач дека се стега околу мене! Иване, зошто Луков сите свои акции ги подготвува во мојов дом? Зар организацијата не може да најде друг дом за таа цел...?
Неда дознава каква акција се подготвува, не може да верува дека ќе го убијат Ѓорче Петров, но мора да молчи, зашто само со молчење се преживува.
На вратата се појавува сосетката Милка (единствен лик надвор од групата) која доаѓа на кафе и на малку дружба, за да избега од затворениот круг во кој се наоѓа. Преку нејзините зборови дознаваме за судбината на Македонците во Бугарија, но и секаде во светот. Таа вели:
Милка: Како само за нас, Македонците, да се создадени сите црнила на овој век.
Во понатамошниот разговор таа е занесена од делото и ликот на Ѓорче Петров, кого за првпат го видела пред две недели:
Милка: Тој не се откажал од Македонија.(...) Човек занемува пред него. И му се сака никогаш да не престане да го слуша.
Откако Милка ќе си отиде, во домот на Неда доаѓаат Христов, мажот на Неда, и Луков. Уште веднаш се забележува доминацијата на Луков и стравот што сите го чувствуваат од него. Се договараат за„службеното“ отсуство на Христов и за неопходноста Неда да остане во домот. Нејзе и забранува да се гледа со сосетката Милка, зашто според него таа „жена има сосема нездраво...минато. Потекнува од фамилија на наши политички непријатели - комунисти? Мажена е за еден од нивните најактивни раководители. Нејзините, така чести посети во овој дом имаат... известителна цел“. Значи таа за него е смртен непријател и шпион. Затоа секоја дружба - во името на Организацијата, со неа е забранета. Потоа Луков, за да ја заплаши уште повеќе јасно и дава на знаење дека тој знае за нејзината љубовна врска со Иван, но дека тоа не го интересира, туку го интересира нејзиното однесување, нејзината послушност и молк. Ја известува дека во нејзиниот дом ќе дојдат уште четворица од групата, а со едниот од нив, кој никој не го познава, не смее ништо да разговара, воопшто да не зборува.
Тогаш доаѓа Иван и кажува дека Младичот доцни и дека Методи останал да го чека доаѓањето на следниот воз. А зошто доцни Фезлиев никој не знае. Се забележува слабоста и попустливоста на Луков кон Фезлиев.
Второто дејствие се случува во истата пустелија... Во собата седат Луков, Иван и Фезлиев, а тишината ја ремети само полнењето и празнењето на шаржерот со кој си игра Фезлиев. Тие чекаат да дојдат Методиј и Младичот. Во воздухот се чувствува нервоза, разговорот едвај се поведува. Фезлиев зборува за Младичот и вели:
Фезлиев: Си го претставувам: млад, полн со идеали... Тој мора да е од оние младичи што сосем сериозно веруваат во својата историска мисија и кои мислат дека зад секое нивно револуционерно поткашлување не стои никој друг туку Таа - Историјата со голема буква.
Кога конечно пристигнува Младичот, Луков веднаш му се обраќа со ароганција и покажува кој е тука главен. Му префрла за доцнењето, за несериозноста, а исто така ги кажува правилата на игра: тука мора да се заборави името, родното место, таткото и мајката... Искрениот и наивен Младич веднаш кажува дека тој нема веќе никого, дека неговите родители биле заклани, па оттогаш организацијата му е единствениот родител. Кажува дека за првпат е во Софија, дека никого не познава и нема пријатели. (Тоа на Луков сосема му одговара, бидејќи планира по акцијата да го ликвидира и Младичот.) Потоа му образложуваат дека неговата задача ќе биде да:„...премавне еден многу опасен предавник и изрод на нашиот народ.(...)станува збор за лице од навистина демонски формат, за човек пеколно лукав, расипан...“
Младичот, целосно предаден на Организацијата, воопшто не прашува кого треба да убие. Што и да е, ако е за доброто на Македонија - тој ќе го направи.
Си ги кажуваат конспиративните имиња: Луков е Рилски, Иван - Сарски, Методи - Сувогорски, Фезлиев - Тажен, а на Младичот му го даваат името Орце (и му го погодуваат неговото вистинско име).
Се договараат атентатот да се изврши уште утредента, а зад затворена врата, Луков му дава на Методиј уште упатства. Дека Младичот никако не смее да знае каде се наоѓа, да биде целосно просторно дезориентиран, и никако не смее да дознае дека треба да го убие Ѓорче Петров.
Фезлиев, потслушнувајќи го нивниот разговор, ја сфаќа гнасотијата на целиот план и му кажува на Луков дека не сака да има ништо со ликвидацијата на Младичот:
Фезлиев: ...кому му е и зошто потребно да извалка една таква револуционерна чистота и добродетел, каква што е Младичот? Дури отпосле, од твојот разговор со Методи, ја разбрав вашата намера: вам ви треба човек што ќе го изврши убиството и ќе ви овозможи вие да останете неоткриени - човек што ќе умре, по извршениот атентат, од вашата рака и што што ќе продолжи да ви служи, онака како што ќе посакате! Вие однапред сте ја продале и неговата смрт.
Вечерта, Фезлиев се пријавува да стражари прв. Кога останува сам, го зема шишето со ракија од кое жедно пие за да ја издржи оваа ситуација во која се нашол, како и да заборави дека некогаш во младоста и тој бил сличен на Младичот.
Третото дејствие се случува во истата пустелија, неколку часа подоцна. Фез- лиев стражари, потпрен со главата на ѕид, веќе пијан. Прв се разбудува Иван, кој го обвинува Фезлиев што не го разбудил за да стражари.
Неда го повикува Иван во нејзината соба и ја бара неговата љубов, но тој е сосема поинаков, поуплашен и несигурен. Сака побрзо да избега од кај неа, но и да избега од сè:
Иван: Зар ти мислиш дека јас немам очи и дека не гледам што станува и каде сме? И дека сева оваа глутница што вие околу нас не ми е дојдена преку глава? Не, мила моја. Јас само чекам времињава да се смират, ќе појдам во Америка и не ќе сакам веќе да знам ниту за Луков, ниту за сета оваа врескотница што ја крчмиме на дребно како борба за Македонија.
Во станот доаѓа Методи, подисплашен, и кажува дека стражата фатила некој човек кој цела ноќ се врткал околу куќата и гледал во прозорците. Тоа всушност бил Христов кој не сакал да ја остави Неда сама. Се будат сите, станува и Младичот и во кујната, во разговор со Луков, тој ја кажува својата единствена желба, да се види со еден човек - со Ѓорче Петров. Скаменет, Луков го распрашува понатаму, а Младичот вели:
Младичот: Ми се чини дека уште синоќа ви расправив - сите мои беа заклани од Турците. Откако се заситија од колењето и грабежите Турците го напуштија дворот. Токму во тој момент на нив удри четата. Турците се дадоа првин на јуриш, потоа во бегање. Тогаш во дворот влезе човек со голема, веќе подбелена брада, опашан со колани и почна да им дава наредби на комитите на наш јазик. Дури кога ги чув неговите македонски зборови - се отцепи плачењето од мене. Тој ме чу, дојде и ме сметна. Ми ги затвори очите да не гледам и ме изнесе од дворот. (...)
Сиве овие години Ѓорче беше за мене сè: и мој животен идеал и совест човечка и самата - Македонија. Сиве овие години јас неотклоно ја следев таа права линија: да бидам како него, да постапувам како што тој би постапил, да се борам за она за кое се бори тој - со еден збор, да го правам само она што би го направил единствено тој.
Младичот одамна не го видел Ѓорче Петров, па Луков се надева дека од зад грб, како што е планирано убиството, тој нема да го препознае, само бара од Младичот никому да не му го каже ова свое исповедување. Дури ни Луков не може лесно да се помири со оваа приказна, па му вели на Иван:
Луков: ...ни испратиле младич на кого Ѓорче му го спасил животот и кој на светов го има само него - Ѓорчета. Свинштина.
Сепак, акцијата продолжува. На пијаниот и заспан Фезлиев му ги вадат куршумите од пиштолот, а Младичот, Методи и Иван тргнуваат во извршување на атентатот.
Четвртото дејствие се случува на истото место. Луков седи сам, нестрпливо чека и полека се опијанува. Тој напишал писмо до Иванов, неговиот претпоставен. Фезлиев се буди и го гледа поднапиениот Луков. Меѓу нив разговорот е рамноправен. Фезлиев си ги бара куршумите од пиштолот, но Луков не му ги дава и му вели дека треба да му го однесе писмото на Иванов. Фезлиев го чита писмото каде е опишана целата историја на Младичот и потребата тој да се ликвидира. На Фезлиев не му преостанува ништо друго освен повторно да се опие. Тогаш Неда бара да оди кај сосетката Милка со која се договарале да се видат за да не дојде таа во нејзиниот стан. Кога Неда излегува, доаѓа Методи затрчан и кажува дека е готово - дека Ѓорче е мртов. Тој ја опишува акцијата, кажува дека немале проблеми, Младичот пукал, па заедно со Иван продолжиле без никој да ги забележи, а тој отишол до телото заедно со другите љубопитни луѓе за да провери дали е мртов. Имале среќа, бидејќи некои луѓе почнале да трчаат, па полицијата тргнала по нив. Луков му го дава писмото на Методи да му го однесе на Иванов. Но, Методи брзо се враќа и му кажува на Луков дека долу го чека колата на Иванов кој пратил да го донесат кај него, а писмото да го однесат „горе“. Тогаш стравот расте кај Луков. Тој одбива да оди оправдувајќи се дека акцијата не е уште завршена, дека кога ќе се врати Иван, ќе оди кај Иванов заедно со него. Збунетоста и стравот за првпат ги гледаме кај Луков. Не можејќи да ја одбие наредбата тој сепак ќе отиде во автомобилот што го чека, ќе го земе револверот од Методи и ќе му рече да го испрати Иван по него веднаш кога ќе се врати. Методи уште повеќе се збунува гледајќи го Луков во таква состојба. Останува со писмото в раце, а Фезлиев, трезвено, му вели да го носи таму каде што му е наредено - горе.
Конечно доаѓаат Младичот и Иван. Фезлиев го праќа Иван по Луков, а тој останува со вознемирениот Младич. Тој тешко дише, забрзано, го стега грч, му се повраќа и го фаќа несвестица.
Тогаш на вратата доаѓа Милка и кажува дека го убиле Ѓорче Петров. Младичот се скаменува, му станува јасно што се случило. Крикнува од болка, го грабнува револверот на Фезлиев и се заканува дека сите ќе ги убие. Фезлиев, смирено, без страв, му вели да бега зашто тие го испланирале и неговото убиство. Младичот истрчува надвор. Неда сочувствува со Фезлиев, ги турка фотелјите, го растура станот како божем некој да се борел. Но, Фезлиев е помирен со својата судбина и не сака да бега од неа. Во станот се втурнуваат Луков и Иван и кога гледаат дека го нема Младичот ги фаќа страв и бес. Луков го удира со пиштолот Фезлиев и го заврзува со јажиња, а Иван го праќа да го бара Младичот. Затрчан и вознемирен доаѓа Методи со писменце во раката. Му кажува на Луков дека го видел Младичот обесен во паркот и дека тоа писменце му го зел од пазувата. Откако го прочитува писменцето, Луков го испраќа со ново писмо Методи кај Иванов за да ја образложат целата ситуација. Останувајќи сам со Неда, Луков станува циничен и зборува, но всушност си зборува самиот на себе:
Луков: Во ова писмо, оној Младич, ме нарекува...предател. И ми се заканува со Историјата. И порачува нејзе, на Историјата, да го задржи во убав спомен. Како Историјата да е споменарник или момински дневник. Е, драги мој,... Можеби, сето тоа, во некој друга Историја да е ново. Во нашата - не е. Во македонската историја, драги мој, има само ... предатели ... досега барем. (...) Сигурен сум дека дури и не помислувал дека врховниот циник, македонската историја, тоа писмо ќе ми го предаде мене в раце. (...)
Останува само уште финалето на ... комедијата. Си го претставувам утре Иванов, со каква трогателност ќе говори над гробот на Ѓорче: „Скапи Ѓорче...“
Неда, не можејќи да ја издржи неговата грубост, цинизам и пијано однесување, го зема пиштолот и го убива Луков. Во тој миг влегува Фезлиев целиот раскрвавен. Тој ја успокојува, да не се плаши од него. На вратата силно тропаат... Доаѓа Иванов да ја расчисти ситуацијата. Но, Фезлиев, очаен, разочаран од целиот негов живот, посакува да се ослободи од сопствените црнила и со зборовите: „Господи, белки не умрел Македонецот во мене“- тргнува во пресметката со Иванов.
Ликови
Луков има доминантно место во драмата. Тој знае сè за сите и на тој начин, со уцена, ги држи во раце. Неговата супериорност е несомнена. Од него сите се плашат и ги слушаат без приговор неговите наредби. Тој манипулира со сите и со целата ситуација. Неговиот лажен патриотизам е најодвратен. Тој е голем народен предавник кој се крие зад лажните пароли за ослободување на Македонија. Цинично и се потсмева на историјата, му се потсмева на идеалот што во себе го носи Младичот сметајќи го тој идеал за младешки занес. Искуството и минатото него го научиле дека сето тоа е илузија. Тој му се оддава на предавништвото како неминовност, не гледајќи друга можност. И повисоките од него се предавници, уште поголеми и уште поцинични (како Иванов). И уште поголемите. Сите тие, невидливите од врвот, од горе, што ги влечат конците - сите се предавници. Та тој во споредба со нив се чувствува како ситна риба, ситен предавник.
Од групата, Иван и Методиј се целосно раководени и манипулирани од него. Ги слушаат неговите наредби. Одат, убиваат, носат известувања, влегуваат во љубовна врска - сè што ќе побара Луков од нив. Методиј е целосно предаден, а Иван сепак посакува да избега од вителот кој го зафатил. Спасот од амбисот го гледа во бегство што подалеку - во Америка. Го гледа, но тешко дека ќе го оствари.
Фезлиев е најконтроверзна личност во драмата. Тој и е и не е со групата. Самиот не може да сфати како станал предавник. И тој некогаш бил како Младичот, и тој верувал во Македонија, во нејзиното ослободување. Длабоко навлегол во црнилата од кои не знае како да излезе. Честопати излезот го гледа во пијанството, па дури и во смртта. Помирен со сопствената безизлезност тој не се плаши од никого, а најмалку од Луков. За колку-толку да се исчисти, го пушта Младичот да избега, па дури на крајот му се спротивставува и на Иванов, а преку него и на сите предавници.
Семејството Христови, Неда и мажот и, се целосно изманипулирани во оваа ситуација. Тие се вовлечени во играта на големите без да сакаат. Нивниот стан, нивниот живот, нивната љубов (на Неда) - само ги искористуваат за да стигнат до целта.
Сепак, најизманипулиран е Младичот. Неговата приказна е толку трагична, што дури и не можеме да поверуваме во едно такво поигрување со човекот и неговата личност. Тој е иднината на Македонија, тој ја носи револуцијата во себе, тој е подготвен да се бори и да го даде својот живот за својот идеал - слободна Македонија.
Во детството бил сведок на бруталното убиство на родителите и тогаш родител му станува Ѓорче Петров, кој му го спасил животот и го извел на патот за борба против тиранијата. Оттогаш, тој целосно се посветува и и се предава на Организацијата. Тој ќе даде сè што таа ќе побара од него. За жал, таа го прави убиец на неговиот втор татко - на Ѓорче Петров. За ова дури и Луков ќе каже дека е свинштина. Се разбира дека Младичот не ќе може да се помири со она што го направил, што го измамиле да го направи и затоа се обесува оставајќи писменце со целата вистина во него. Жртвата што ја прави е залудна, идеалистичкото самоубиство е најголемата иронија - зашто наместо вистината да излезе на виделина - писмото доаѓа повторно во рацете на предавниците. Кругот се затвара. Нема излез за правдата. Мала е утехата што Неда го убива Луков, а уште помала вербата дека Фезлиев ќе успее да се пресмета со предавниците. Зашто тие се големи, тие се многу, скриени и недостижни.
Историјат на македонската драма
Македонската драма има богата традиција. Нејзините почетоци се во кусите дијалози на обредните игри од кои се развила народната драма. Први печатени драми се текстовите на Јордан Хаџи Константинов Џинот, дидактички театарски претстави изведувани од учениците во скопското училиште „Света Богородица“. Малку подоцна, кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, се појавуваат драмите на Војдан Чернодрински, првите драми со уметничка вредност, сведоштво на опстојувањето на македонскиот народ за време на османлиското владеење. Чернодрински ја означува првата етапа во развојот на македонската драма и тетатар.
Иако Марко Цепенов е еден од нашите најначајни собирачи на народни приказни, сепак, не е само тоа. Тој, со својата драма „Црне Војвода“ придонел за непрекинатиот континуитет во развојот на македонската драма.
Следниот во непрекинатиот процес на развој, по Балканските војни е Никола Киров Мајски, но најзначајни се секако авторите што се појавуваат меѓу двете светски војни: Васил Иљоски, Ристо Крле и Антон Панов, кои ја означуваат втората етапа во развојот на македонската драма. Тие со своите битово-социјални драми го означуваат растежот на македонското драмско творештво, а нивните трајни естетски вредности се докажани со тоа што и денес се се уште актуелни.
Во повоениот период појавата на Коле Чашуле ја означува третата етапа на развој, свртувајќи го своето творештво кон истриските црнила на македонскиот народ, но и кон современите. Забрзаниот растеж на драмското творештво го надополнуваат: Томе Арсовски обработувајќи ги современите проблеми, потоа Иван Точко навраќајќи се кон минатото, Бранко Пендовски, а вистинско осовременување на македонската драма доживуваме со Горан Стефановски и Јордан Плевнеш, а во поново време и Дејан Дуковски и Сашко Насев.
06.3.12
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (раскажана)
„Пиреј“ е првиот роман на Петре М. Андреевски.
Насловот на романот е симболичен, односно преку троскотната трева пиреј, авторот го прикажува својот непокорлив народ. Лазор Ночески (спореден лик од романот, народен мудрец) јасно нагласува:
„Племето наше е пиреј и не го ништи ни една војска. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата, и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева.“
Всушност преку оваа симболика изразена е и темата и идејата во романот. Темата е животот на двајца сопружници, Јон и Велика, и нивните страдања за време на војните, а идејата е дека Македонецот опстојувал и ќе опстојува.
Времето на случување е Првата светска војна, но и годините пред и по неа. Местото на случување е селото на Јон и Велика, во Македонија каде тогаш биле стационирани многу војски - српски, бугарски, француски, англиски, германски и австриски, но војниците биле најмногу од Македонија. Дел од случувањата се на фронтот.
Многу е интересна композицијата на романот. Фабулата е предадена преку три сижетни линии. Првата е раскажувањето на Дуко Вендија - составено само од првата и последната глава, а другите две се 28 делови, по 14 на Јон и Велика каде тие во прво лице, значи од свој агол, го раскажуваат сопствениот живот. На почетокот дејството се одвива хронолошки, во средината паралелно (додека сопружниците се одвоени), за на крајот да заврши повторно хронолошки.
Содржина
Романот започнува со погребот на Велика на кој од градот доаѓа нејзиното шесто дете, Роден Мегленоски. Тој не знае многу за своите родители и не знае зошто неговата мајка и кога е умрена не сака да и се измешаат коските со неговиот татко. Дуко Вендија му раскажува, но како што му кажувале тие за нивниот живот.
Со раскажување започнува Јон присеќавајќи се на своето сиромашно и несреќно детство. Најмногу го боли суровоста и нечувствителноста на татко му. Потресна е сцената од неговото детство, кога неговата мајка се разболела, па таткото, бидејќи не му требало болен човек во куќа ја враќа кај нејзините родители:
„— Ајде, сега, деца, вели, простете се со мајка ви, вели, оти ова ќе ви биде последно видување, вели.
Ние отидовме над неа и таа нè гледаше, а очите и се завируваа. Не може да зборува жената. Сака, а не може. Само нè гледа и и се полнат очите со солзи, претекуваат.(...) Кога ја видовме таква мајка и ние почнавме да плачеме. Татко тогаш ги удри воловите со прачка, ги потера и тие тргнаа.“
Потоа таткото ги дава децата во манастир, без понатаму да се грижи за нив. Тие никогаш повеќе не го виделе. Само еднаш дошол вујкото, ги посетил и толку.
Како одминувало времето, Јон растел и потрезвено го прифаќал животот. Во манастирот заштита и поткрепа наоѓа во отецот Висарион кој го охрабрува и поттикнува да учи и да се описменува. За жал, мирниот манастирски живот кратко траел бидејќи доаѓаат комитите кои го убиваат Висарион, а го тераат Јон да им се приклучи (го натерале и ножот да го извади од прободениот отец). Оттогаш неговиот живот станува многу суров. Тој ќе поживее како комита, но ќе се обиде да го продолжи животот нормално. Затоа вели:
„Со комитите и одев и не одев. Одиш, колеш и чекаш да те заколат. Пред женењето слегов в село.
— Пушката е со мене, им реков, а јас сум пак, со вас. Пушката никому не му родила дете, реков.
И така, се разбравме.“
При изборот на жена, воопшто не била пресудна убавината, туку нејзината сила и работливост. Така, тој ја здогледал Велика на нива како работи како „ламја“ и одлучил таа да му биде жена.
Велика, пак, своето раскажување го започнува со Јон и дека таа не го познавала од порано бидејќи биле од различни села. Но, при првото гледање нејзе тој многу и се допаднал, бил строен, убав, со дупче на брадата.
Следува плодното време, време на раѓањето на децата и на раскопачувањето на новите ниви. Како што вели Велика - жената по мажењето станува нива. Породилните болки со првотото дете ја фаќаат на жнеење, додека сите работат на нива. Јон ја засолнува на страна и таа се мачи цел ден, па цела ноќ и дури другиот ден го раѓа Ангелета. Потоа ги раѓа едно по друго: Капинка, Роса, Здравко и Ѕвездан. Живеат заедно со деверот Мирче, а потоа и јатрвата Уља.
Набрзо, Мирче трга во Америка на печалба, а со почетокот на Првата светска војна Јон го земаат да се бори од српската страна. Тој го опишува војничкиот живот кон кој е рамнодушен. Тој не се бори за свои интереси, ниту за свои идеали. Почнува да тагува по домот и децата, па затоа решава да зароби бугарски војник и така да добие отсуство. За несреќа, го заробува брата си Мирче, кој на патот кон Америка бил прибран во бугарската војска. Така, планираното отсуство му пропаѓа. Сакајќи да дознае нешто за дома, праќа писмо, но одговор стига дури по завршување на војната.
Јон ја осудува војната и смета дека таа уништува сè - и луѓето и животните и природата. За неа тој вака размислува:
„Животот е една голема угорница, а уште поголема удолница по која трчам. Цел живот трчаме да го откриеме нејзиниот крај, нејзиниот газер. Кај што ќе заврши нашето тркалање. Нашето постојано паѓање. Пред малку само тргавме еден кон друг: и од една страна има наши луѓе и од другата страна има наши луѓе. А и сите луѓе на светот се наши луѓе. Околу нас само куршуми цивкаат, ама ни еден не ме погаѓа.“
На фронтот тој се спријателува со Витомир со кого често разговараат и добро се разбираат бидејќи потекнуваат од слични средини. Двајцата се загрижени за своите ниви, за добитокот кој го оставиле и за семејствата. Во тоа пријателство, Јон доаѓа до својата вистина за луѓето и нивната националност:
„Се разбираме некако со Витомира. И еба го, не ќе се разбереме! Оти да не се разбереме? Тукуречи исти зборови зборуваме. Само тие ги вртат наонаму, а ние наваму зборовите. А некогаш, во старо време, сите сме биле едно исто гомно, иста лепешка. Ама поминала некоја кола и со колцата ја пресекла лепешката надве, па поминала друга кола и пак ја пресекла лепешката. И така, врвеле коли и ја испресекле лепешката и ние од една лепешка сме станале многу лепешки, многу гомна... Сите ги видов овде и сите исто смрдиме.“
Сликите од фронтот често се многу страшни, дури и катаклизмични.На сурово-реален начин се опишани борбите по планината Козјак и Пелистер. Ужасно потресни се сликите кога Јон се обидува да му помогне на ранетиот војник кој моли за вода и силувањето на мртвата девојка:
„Дали ме разбра или не ме разбра, тој пак си мрмори. Од сите зборови само водата ја разбирам. Друго ништо не му разбирам. Врвам така низ буките, засмрдени од барут и од раскопана земја. На едно лединче гледам жена. Млада жена, а гола. Излегла да бере трески утрината, уште кога беше мирно. Го погодила времето за трески! Ја нашла некоја извидница и ја силувале. Подзапирам крај неа и ја загледувам. Жената и мртва е убава за гледање. А мене ми е прво видување на гола жена. Батти среќата на вакво гледање. Главата и е потпрена на нарамникот трески што го носела и едната рака и е поткрената кон челото. Како да се срами, како уште да го затскрива лицето од војниците. А лицето и е бело, небаре варосано ѕитче. Мислиш спие жената.
— Во војно време, велам, сите луѓе се лоши. Само на крв рикаат, му велам на војничето што го носам, ко волови, ко јунци рикаат, му велам.
Војничето ништо не ми кажува, ништо не ми мрмори на увото. Насетувам како да станува потежок. Го сметнувам од рамо и го легнувам на земи. Го гледам, а никаде го нема. Погледот му го нема и дишењето му го нема. Ниедна жила не му мрда, не му работи. Го простил Господ на мене, си мислам. Си остинал човекот на моите рамена.“
Апокалиптични се и сликите од битолската болница исполнета со луѓе на распаѓање во која Јон е однесен по повредата на ногата. Таму му го сечат палецот, како што вели „како шупливо јаболко ми го отребија“. Кога се враќа на фронтот борбите се уште пожестоки. Во раце ќе му умре и пријателот Витомир. По завршување на војната, тој се враќа во селото.
Паралелно, Велика го раскажува животот што таа го живее во селото за време на војната. И тој живот не е ништо помалку ужасен од оној на фронтот. Велика е силна, изгржлива, работоспособна жена. Таа, по заминувањето на Јон во војна, врз својот грб го зема товарот на целото семејство. Преку нејзиното раскажување, во исповеден тон, во постојана прогресија дознаваме за нејзините патила. Таа раскажува и за другите селани кои се учесници во животот зад фронтот, за сиромаштијата, суеверието, заостанатоста, обичаите и немоќта да се живее и преживее во такви услови.
Во селото Велика останува сама со петте деца да ги чува и храни како знае и умее. Единствена што останува со неа е јатрва и Уља, со ќеркичката Горица. Преку раскажувањето за Уља, Велика ни ги кажува сите обичаи поврзани со раѓањето и чувањето на бебињата.
Бидејќи Уља нема никој друг, Велика е таа што ја подучува и и помага. Таа и го пресекла папочето со срп (на машките бебиња се сече со секира), па го подврзала со малку коса од мајка и; ја подучила да не спрема ништо за бебето зашто тие што многу спремале не фатиле живо бебе во рацете; потоа да не ги остава пелените надвор да ги зајде сонцето; како да го чува млекото; на задојување и ставила сито на главата - за да биде сито детето, па книга - за да учи, црвено јаболко - за да биде убаво; исто така до шест недели како леунка да не излегува надвор (зашто шест недели гробот и е отворен); па кога и никнувале заби нанижале низа од варена пченица која ја обесиле на дрво - за лесно да никнат запчињата итн. итн. Во една таква грижа, кога Горица ги менувала забите, Велика го пратила својот најстар син, Ангеле да ги потера кравата и магарето покрај реката. Се случува првата трагедија во нејзиниот живот. Дотрчуваат децата и и кажуваат како собирале куршуми и ги фрлале в огин и дека Ангелета го погодил еден куршум:
„И таму, во ливадата, го наоѓам Ангелета, ангелот мој златен, со потсечени крилја... Децата се разбегале, ама Ангеле мој не добегал. Еден куршум беше го втасал. Ангеле, Ангеле, му викале децата, стани, не преправај се, му викале, а тој ни да мрдне ни да претне... Лежи ничкум плеснат над земјата. И утопен во крвта негова млада. Тој лежи, а до него кучето, Чако, квичи, завива, гребе со ноктите, копа земја. Го душка Ангелета мој и пак завива, кобно. Ангелот мој ништо не гледа, ништо не слуша. Му ја кревам главата, му ја бришам устата од крвта што му се подсирила и го бацувам в лице, в уста, му ја давам душата моја. Ама тој е веќе остинат. Како да бацувам некој студен камен, некоја мраморна гробница. И јас мрамор се мраморам, си ја тепам главата, а солзите само ми врнат. Олкави вака солзи, ко лешници ми капат в уста и на лицето од Ангелета мој. Го молам да се опули, да ми проговори, а тој молчи. Ни клепка му клепнува, ни прсте му мрднува. Лицето му е крпа и уште помазно. Не дочека, убавиот, и да се забричи. Ноктите помодрени, никаде нема живот, запрена воденица.(...)
И којзнае колку време сум се тепала, така, кога сетив дека некој ме крева. Се опулувам: јатрва ми, Уља, стои над мене. И мојата рака си ја наоѓам во нејзината.
— Немој мори, Велико, немој сестрице, ми вели, што е тоа што работиш, вели, зар и ти треба да се отепаш, вели, нека ти се живи другите, вели, имаш и други деца за гледање, вели, зар сакаш сираци да ги оставиш, вели. И плаче. Се засркнува од солзите. Се држиме така сами двете, ко утки во полето и пиштиме, ко потполошката што пиштеше по Ангелета. После, го доведе магарето и го товаривме Ангелета мој. Го префрливме, пресвиснат преку ’рбетот, наголо. Потеравме за в село. Одиме по магарето и само липаме. Една солза падни, друга завири се, стокми се и истркалај се на земја. Којзнае колку солзи истекоа, цело поле го навадив со солзи. Со дожд солзи си го запишав денот. Оти кога го закопувавме дожд немаше, а времето чека стушено. Ама само што се вративме, небото се дупна и потече.(... )
И тогаш удри дождот. Господе, си мислам, ова дека секнаа очите мои, ова дека немам повеќе солзи, си мислам за дождот. И небото плаче за Ангелета мој, си мислам. Ум недоветлив, човечки.“
Смртта на Ангеле, за жал, не е последната несреќа, напротив, таа е првата. Оттогаш несреќите почнуваат да се нижат. Зимата, се разболува Роса, а немоќната мајка ја гледа како и се топи пред очите. Се обидува да и помогне со сите лекови што и ги кажала Маса Ќулумоска (селската треварка и бајачка), со мачкање на ракија, киселина, лук, саѓе, катран, но друга помош нема. Селото е затворено со војски од сите страни, нема шанси да и помогне вистински лекар. Откако умира девојчето, Велика цел ден се мачи да и го ископа гробот, бидејќи имало снег до пазува. На крајот успева да дојде до земјата и да ја запрета Роса до Ангеле. Заедно со Уља, тажат и плачат покрај двете гропчиња. Тогаш на Уља и текнува дека не чини толку да се плаче и да се предизвикува ѓаволот, туку за да го избркаат и предлага да играат и пеат околу гропчињата. Немоќна пред сопствената несреќа, веќе споулавена од болка, Велика пее и игра и на крајот изнемоштено се онесвестува.
Долгата зима Велика едвај ја пребродува, без храна и без огрев. Кога се крева снегот, селаните живнуваат, имаат колку-толку нешто за јадење: штавеј, коприви, лобода. Почнуваат да доаѓаат војници и да тропаат по куќите барајќи храна, но селаните се кријат. Летото, Германците прават пат, па многу од селаните одат да работат за корка леб. Оди и Велика. Гладот е толку голем што таа работи по цел ден за да им донесе на децата малку лепче за да преживеат. Многу селани умираат од глад. Но, војниците носат и заразна болест (колера) од која селаните не знаат како да се одбранат. Првите предлози од Маса Ќулумоска се луѓето да јадат лук, а куќите да се премачкаат со катран. Тие тоа и го прават, но како што вели Лазор Ночески - од болеста и од смртта не може да се побегне. Тогаш се разболува Здравко. Велика нема што да му даде, со што да го лекува. Едвај наоѓа малку шеќер да му стави во водичка, за да не го боли мешето. Таа бдее над него со денови и ноќи:
„Се топи детето ко сапунче оставено во вода. Боледува тој, боледувам јас за него. А Капинка и Ѕвездан ми плачат за јадење. Јас ги тепам и ги бркам од собата на Здравка. Од понеделникот до петокот така. Во петокот, кај пладне, како да се поврати детето од несвестицата.(...)
— Облечи ме, вели Здравко, облечи ме и намести ме.
— А, за кај да те наместам, сине златен, му велам, и почнува вода да ми шопа од очиве. Не знам што да правам. Му ја држам раката оти ништо друго не може да ми досегне. За кај се спремаш, Здравко, здравец мој попарен, викам и сеќавам дека неговата рака се лади во мојата. Само уште еднаш се насмевнува, свртен кон прозорецот и истрпнува, се предава. Од раце ми избегува детето.“
Во селото, болеста и понатаму се шири. Селаните гасат вар и ги премачкуваат куќите, некои дури и крововите ги премачкале, но спас нема. Маса Ќулумоска предлага за да ја избркаат големата болест - да направат голема смрдеа. Таа вели да се соберат сите кучиња од селото и да се запалат средсело. Немајќи друг избор, селаните се сложуваат и ги даваат своите кучиња, но Велика успева да го скрие Чако (тоа е кучето на Ангеле и таа не сака да го даде). Ужасна и потресна е сцената на палењето на живите кучиња намачкани со катран.
Бидејќи ни на тој начин не успеваат да и се спротивстават на болеста, Маса Ќулумоска дава нов предлог - да се фаќаат врапчиња, сојки и прлици и да им се плукне во клунот - така да им се предаде болеста, а тие да ја однесат в гора. Селаните и тоа го прават.
Но, болеста ги стигнува и последните две деца на Велика, Ѕвездан и Капинка. По последниот предлог на Маса Ќулумоска да избегаат во шумата од болеста, Велика се закрева со болните деца, кравата, телето, магарето и Чако. Болеста ги достигнува и таму. Откако сфаќа дека нема спас, Велика тргнува назад во селото, за децата да и умрат дома и да може да ги закопа. Прво умира Капинка, која сама на магаре ја носи до другите гропчиња, ја закопува и немајќи сила повеќе, моли Ѕвездан да причека со умирањето барем до утредента. Но, вечерта и тој умира. Тогаш доаѓа Лазор Ночески и и помага да го закопаат последното дете и да го заколат телето за душа на децата.
Откако и умираат сите деца, Велика повеќе нема цел во животот. Таа оди кај што одат сите селани, работи што работат сите, механички, без срце, без душа. Единствена надеж гледа во враќањето на Јон и во утехата што може да ја најде кај него.
Кога завршува војната, Јон се враќа. Потресна е сцената на нивната повторна средба:
„Одам до него и му се фрлам, го прегрнувам. Тоа беше прво наше прегрнување. Го грнам така, а како сув шип да прегрнувам. Не е тој човекот, се изменил.
— Кај се децата, прашува Јон и гледа кон скалите од кај што слегов.
— Е кај се де, велам, не знам како да му кажам.
— Кај се децата, вика Јон и гласот го истанчува.
— Ами немале ангел да ги чува, велам, и си ги собирам рацете од рамената негови.
— Јас ги оставив со тебе, вели, а не со ангели.
— Болест, Јоне, голема болест фати, велам, немаше кај да ги скријам. Од господ ништо не се крие, велам.
— Кој господ, бре, бамити господот, вели, јас сум сега господ, вели и се наддава кон мене. Му чкрта дишењето на човекот, слушам како му чкрта дишењето, мислиш неподмачкана кола. И остана така подзинат. Нешто наеднаш го жегна, го прободе и го одзеде. Му ги одзеде и рацете и нозете, го улогави.
И човекот, часот, побеле во косата.“
По враќањето, Јон сосема се променува, почнува многу да пие, да ја малтретира и тепа Велика, да ја понижува и навредува пред селаните. Вината за смртта на децата, вината за неговото пропаѓање, тој ја гледа во неа. Сиот свој бес од сопствената изгубеност, тој го истура врз неа. Таа ја разбира неговата болка и го моли да го остави алкохолот и да се ослободи од лошото во себе. Но, Јон не може. Тој и се приклучува на власта и заедно со нив оди по куќите на соселаните да ги посрбува. Оди и кај неговиот пријател Дуко Вендија, кој одбива да си го смени презимето. Чувствувајќи се силен со власта, тој таа сила и ја покажува и на Велика. Кога ќе се врати навечер, ако таа спие и не го чека - ја тепа; ако не спие и го чека, пак ја тепа; ако облече нова облека - за кого се дотерува, ако ја преврзе шамијата - зошто ја преврзала. Таа вели:
„Не знам што да облечам, што да обујам. Ако ја кренам главата:
— Кај гледаш, вели.
— Кај да гледам, му велам, кажи кај да гледам, да не прогледам.
— В земја, вели Јон, оти ќе се сопнеш.“
Лошотијата на Јон постепено се зголемува. Колку повеќе пие, толку болката му станува поголема. Ги коле кокошките, зашто влегле кај него, сака да го убие и кучето Чако, зашто го погледнало накриво, од истите причини го отепал магарето итн. Еднаш, пијан некој го заѕидал со камења, другпат за малку што не се удавил во реката, а Велика не ја поштедува во ниеден момент. Враќајќи се дома пијан, ќе ја тера ноќе да оди по вода, за да се гаси, еднаш, двапати, трипати, до утро, додека сè не наполни со вода. Безмилосен е Јон кон неа. Кога е таа бремена со шестото дете, веќе со голем стомак; додека наведната перела, нему му се чуло дека таа испуштила гасови и затоа ја казнува и ја тера на една нога да скока околу куќата - трипати. Се собираат соседите, луѓе, деца, а тој им кажува што направила таа. Децата се смеат, луѓето ја сожалуваат.
На крајот, додека таа се пораѓа во плевната, Јон умира во куќата.
Раѓањето на последното дете, Роден, е единствената светла точка во животот на Велика, тој е надежта, тој е поттикот да се живее понатаму. Роден е нејзиниот пиреј, тој е и македонскиот пиреј.
Ликови
Велика, таа чиста, искрена, бескрајно издржлива македонска жена не пленува со својата човечност и благородност. Таа е носител на македонскиот патријархален морал, на сè македонско и човечко.
Велика е селска девојка, срамежлива, работлива, сериозна, која не си дозволува своите љубовни чувства директно да ги изразува кон момчето. По мажењето, таа целосно му се предава на раѓањето и мајчинството, но и на работата и грижата за целото семејство. Времето на плодноста и напредокот, за жал, кратко ќе потрае. Таа останува сама за време на војната, за време на болестите и безизлезот. Но, нејзината големина и издржливост ја гледаме токму тука. Во нејзиното раскажување речиси нема ништо друго освен тага, смрт, очај и немоќ. Велика е сама во најтешките моменти и затоа е неутешна. Утехата ја очекува со враќањето на Јон, но нема да ја добие. Во својот очај таа не потклекнува. Наоѓа сили да го оправда однесувањето на мажот, па дури се обидува да му помогне. И покрај неговите нечовечни тортури таа е крајно попустлива и добра кон него. Неговата смрт ја растажува, но и ја ослободува. Таа сè уште има сила да продолжи, да го одгледа и шестото дете. Величината на Велика е бескрајна, таа е мајка - херој, жена - херој, таа е Македонија.
Јон рано останал без родители и самиот морал да се грижи за себе. Се сеќава на топлината на мајчината љубов, но се сеќава и на суровоста и бесчувствителноста на таткото. Детството го живее во манастирот, а потоа е присилен да им се придружи на комитите, на еден суров живот (одиш, колеш и чекаш да те заколат). По женидбата тој е подготвен многу да работи за да го обезбеди семејството, но тој живот кратко потрајува. Всушност, неговиот живот е војничкиот живот. Војувајќи во српската војска, тој се надева дека и неговата татковина ќе биде ослободена, дека и Македонија ќе добие нешто. Но, по завршувањето на војната и преживувањето на најстрашни случувања во неа, тој ги губи илузиите дека ќе се живее подобро. Уште пострашно за него е сознанието за смртта на децата. Тој во истиот миг побелува во косата и овенува. Се наоѓа во безизлез. Добродушниот, вреден, мирен, посветен родител и татко станува ѕвер. Тој е всушност трагична личност. Јон нема сила како Велика за да продолжи понатаму. Почнува да пие, да се губи себеси, целосно да се однародува и посакува да умре. Тој не бара излез за живот, тој бара пат кон смртта, кон крајот.
Неговиот брат, Мирче, има сопствена судбина. Тргајќи на пат за подобар живот и тој е зафатен со виорот на војната. Него го земаат во бугарската војска и на Солунскиот фронт се среќава со Јон, но од спротивната страна на борбената линија. Тоа е слика на борбата на брат против брат, за туѓи интереси, тоа е слика на судбината на Македонецот во текот на Првата светска војна.
Дуко Вендија, блискиот пријател на Јон, негов девер, раскажувачот на настаните е посебен во својата одлука да не учествува во војната. Тој останува во селото, тој останува Македонец кога доаѓаат да му го менуваат презимето, колку што му дозволуваат условите, тој останува свој. Единствено тој му префрла на Јон дека е продадена душа, поради што ќе биде истепан.
Зборовите на Лазор Ночески ги изговараат сите во селото. Тие мудри изреки се присутни во сите ситуации, во секое време. Имаме впечаток како тој да е фиктивна личност, како глас на народот, но сепак, тој и реално постои. Неговата судбина е слична со другите, тој живее и страда во воените времиња. Мудрите изреки се резултат на неговото искуство и претставуваат показ на народната мудрост. Еве дел од нив:
- Некогаш не те сака Господ или намерно те остава за да се мачиш.
- Лошото време го прават лошите луѓе.
- Стравот е страшен само за оние што му се плашат.
- Кога човек се плаши од пушка, тогаш пушката повеќе пука.
- Болеста е голема кога имаш леб, а уште поголема кога немаш леб.
- Јадење, ко секое јадење, ако го јадеш - се јаде.
- Од болест не се бега и од смртта не се бега.
- На селаните, среќата им е променлива, а несреќата постојана.
- Пријателот ти е роднина кој самиот си го одбираш.
- Трагата на ѓаволот не му ја гледаш, а пак по неа одиш.
- Племето наше е пиреј и не го крши не една војска, ни една болест.
Маса Ќулумоска, пак, е претставничка на митското, тајно, магиско знаење на народот. Нејзиното знаење понекогаш граничи со безумие, па затоа е трагикомична сликата на бркањето на птиците за да им се плукне во клунот, палењето на кучињата и бегањето во шумата од страшната болест.
Уште многу ликови го надополнуваат целиот колорит на романот: Јоше Свирачот, Давиде Недолетниот, Мисајле Ковачот, Доксим Тренчески, Неделко Сивески итн.
Јас сум благословен, се работи за мојот брак, кога д-р Шараџ ја врати мојот сопруг, кој се оддели од мене 6 месеци. Јас сум SANDRA по име. Иако мојата уста би била целото мое тело, не е доволно да му се заблагодарам на д-р Шараџа за неговата помош во мојот живот. Мојот сопруг се разведува со мене шест месеци и бев во болка и агонија без него. Значи, барам помош насекаде, додека не наидов на блог за д-р Шараџа, го контактирав онлајн. Јас му ја објаснив мојата ситуација и тој вети дека мојот сопруг ми се враќа 24-48 часа, ако само моето срце сѐ уште бие за него. Јас му верував, и тој ветува дека ќе подготви магија за мене и за мојот сопруг. Мојот сопруг ме викаше токму кога д-р Шараџа рече. Тој се извини и рече дека ми треба назад и сега повторно живееме среќно во текот на изминатите 9 месеци ... молам сите да ја прочитаат мојата статија таму каде што има потреба од помош треба да контактираат со д-р Шараџ сид по електронска пошта. sharajasid@outlook.com за повеќе информации
ReplyDeleteАко сте таму, поминете го ова
Проблемите што се наведени подолу е исто така совршен во овие области ...
(1) Дали сакате вашиот екс назад?
(2) Дали секогаш имате лоши соништа?
(3) Дали сакате да ја промовирате вашата канцеларија?
(4) Дали сакате жените / мажите да трчаат по вас?
(5) Дали сакате дете?
(6) Дали сакате да бидете богати?
(7) Дали сакате да го врзувате вашиот сопруг / жена да биде?
твое засекогаш?
(8) Потребна е финансиска поддршка?
ВИСТИНСКИ ИТЕН ЕФЕКТИВЕН СПЕЛ КАСТЕР ЗА ДА ПОМОГНЕ ДА СЕ ВРАТИ ПОРАНЕШНИОТ ЉУБОВНИК И ДА ГО СПАСИ БРАК
ReplyDeleteЗдраво на сите моето име Росалба сум преплавена со радост, сето тоа благодарение на Dr.GURU. Мојот сопруг ме остави за друга жена пред неколку години и бев многу уништена затоа што никогаш не му згрешив, останав со моите две деца и работа која малку се плаќа. Речиси се откажував додека не видов сведоштво на интернет за Dr.GURU како тој им помогнал на многу луѓе, па го контактирав изненадувачки 24 часа откако го направив она што докторот ме замоли да го направам, мојот сопруг се врати еден ден по магијата за молење. да му простам и ветив дека никогаш нема да заминам. Мојот сопруг се врати веќе 6 месеци и никогаш не сме имале никакви проблеми, мило ми е што не се сомневав во Dr.GURU. Сега сум сигурен дека и тој може да ги реши сите проблеми со брзо олеснување. Можете исто така да го контактирате за помош сега.
Е-пошта: saguruu087@gmail.com